Македонија се наоѓа во категоријата земји со умерен ризик од тероризам и политичко насилство во 2011 година, проценува Аон Риск Солушнс, водечка глобална компанија за управување со ризици и посредување во осигурување.
 
Според компанијата, политичкото насилство, штрајковите, востанија, граѓанската војна и војната му се закануваат на одржливиот развој, континуитетот и профитабилноста на претпријатијата, исто колку и тероризмот.
 
Картата на тероризмот и политичко насилство за 2011 година покажува зголемен ризик од политичко насилство на Средниот исток и во Северна Африка, што е одраз на големите немири во регионот во текот на „арапската пролет“.
 
На картата се одразуваат и граѓанските немири и работничките штрајкови што произлегле од мерките за штедење во западноевропските држави како што се Грција, Франција, Шпанија и Обединетото Кралство.
 
Македонија, заедно со Србија и БиХ, спаѓа во категоријата земји со умерен ризик, додека Хрватска, Словенија и Црна Гора се наоѓаат во категоријата земји со занемарлив ризик.

OhridNews
извор: Makfaks