Владата вчера промовираше уште еден проект за намалување на невработеноста во државата за креирање на нови работни места и зголемување на животниот стандард на граѓаните, објавија националните медиуми.

Преку новиот проект со наслов „Македонија вработува“ ќе се овозможи вработување на невработени лица до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, како и лица од ранливите категории на граѓани, примателите на социјална парична помош, самохраните родители, родителите на 3 или повеќе деца, децата без родители и родителска грижа и родителите на децата со пречки во развојот.

Мерките предвидуваат ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок за доход за компаниите кои ќе вработат лица од овие категории граѓани. Тие треба да стапат на сила наредниот месец и да траат една година.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски соопшти дека станува збор за ослободување од плаќање придонеси и персонален данок на неколку групи.

– Прва група се невработени лица до 35 годишна воздраст кои претходно не биле вработени или биле вработени, но не најмалку три месеци пред вработувањето согласно оваа мерка. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок во период од 3 години, а ќе бидат должни да го задржат лицето уште една година по истекот на периодот за кој е ослободен од давачките. Во оваа група има околу 70 илјади невработени, рече Пешевски.

Втората група, како што додаде, се невработени од 35 до 50 години, кои во последните години биле најмалку 10 години без работа. И тие треба да не биле вработени најмалку три месеци пред вработувањето согласно овие мерки. За нив работодавачот ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси и персонален данок во траење од 5 години со обврска да ги задржи на работа уште една година по истекот на периодот за кој користел поволности. Во оваа категорија граѓани, според Пешевски, има околу 61 илјада невработени граѓани.

Во третата и четвртата категорија, појасни вицепремиерот, се невработени над 50 години, невработени лица кои се родители на три или повеќе деца, самохрани родители, членови на еднородителски семејства, приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, лица со инвалидност и со намалена работна способност, професионални војници на кои им престанал работниот однос и родители на деца со пречки во развој кои се приматели на посебен додаток.

– Во оваа група проценките се дека има околу 43 илјади лица. Работодавачот кој ќе вработи лица од една од овие две групи ќе биде ослободен во траење од 5 години, без натамошна обврска да ги задржи на работа доколу сака, рече Пешевски.

Последната петта група се лицата над 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавачот е ослободен од давачките до исполнување на условите на старосна пензија. Според анализите, рече Пешевски, некои групи се преклопуваат меѓу себе и на тој начин потенцијални корисници се над 150 илјади невработени.

Компаниите кои сакаат да вработат лица од овие категории и да ги користат поволностите треба да не го намалиле бројот на вработени од 15 март годинава до денот на вработување нови работници за кои ќе користат поволности, да немаат неисплатени плати придонеси, даноци повеќе од 2 последователни месеци.

OhridNews