Заштитата по основ на сексуална ориентација не влезе во Предлог Законот за заштита од дискриминација, што денеска го презентираше министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, пренесува „Макфакс“.
„Во предлог Законот кој што помина на владината седница има повеќе основи за заштита од дискриминација, можеби и повеќе одошто предвидува европската директива, меѓутоа основот за заштита од сексуална ориентација не е влезен од причини што тоа не е во согласност со Уставот и законот на Македонија“,  рече Бајрами.

На забелешките дека во последните два извештаи на Европската комисија прецизно е наведено дека правата на сексуална ориентација треба да влезе во законот, министерот тврди дека овој закон неодамна бил елабориран пред Европската комисија и немало никакви забелешки.

Доколку Предлог законот помине во собранието, со него ќе се врши заштита од дискриминација по верска, малцинска, полова и други основи.

Министерството за труд и социјално политика планира да формира Комисија за заштита од дискриминација, чии членови ќе ги избира Собранието на јавен оглас и ќе бидат со мандат од 5 години.

Од редот на членовите ќе се избира и претседател со мандат од една година.

Право да се обратат до оваа комисијата имаат и лицата кои ќе сметаат дека им е нарушена сексуалната определба и доколку се утврди дека тоа е точно ќе бидат покренати санкции, спрема лицата кои вршеле дискриминација и истите ќе се казната со  парична казна од 400-1.000  евра.

Ohridnews
извор: „Макфакс“