Македонија и Косово доцна синоќа воспоставија дипломатски односи, соопшти Министерството за надворешни работи.

Министрите за надворешни работи Антонио Милошоски и Скендер Хисени, потпишаа заедничко Коминике неколку часа откако парламентите на двете земји вчера го ратификуваа договорот за демаркација на границата.

Во него е наведено  дека двете страни се заложуваат за зајакнување на пријателските врски врз основа на меѓусебно почитување на националниот суверенитет, независноста и територијалниот интегритет. 

Веднаш потоа двајцата министри имале телефонски разговор во кој изразиле задоволство од вопоставувањето на дипломатските односи.

Косово е 127 земја со која Република Македонија воспоставила дипломатски односи под уставното име. Македонија ја призна независноста на Косово на  9 октомври минатата година, но воспоставувањето дипломатски односи беше одложувано, меѓу другото, и поради отвореното гранично прашање.

Со 72 гласа за и 11 против Македонското Собрание доцна синоќа  го ратификува Договорот за физичка демаркација на границата меѓу Македонија и Косово, а претходно тоа го направи и законодавниот дом на најјмладата држава на Балканот. Пред гласањето пратениците од ЛДП и Нова алтернатива ја напуштија седницата, а опозицијата најави дека ќе ја оспори одлуката на Собранието пред Уставниот суд.

Ohridnews