Секојдневно сме сведоци на една нонсенс политика на Р.Македонија која води кон  би-национално општество кога се во прашање правата на етничките заедници, свесни дека македонското сонце покрај Македонците и Албанците ги грее и останатите етнички заедници се разбира не Македонци и не Албанци.

Нашата Македонија може слободно да се гордее со фактот дека во неа живеат повеќе етнички заедници, мултикултурно општество, но слободно можам да констатаирам дека мултикултурализмот  не владее во Македонија и државата е ставена во ситуација да владее  би-национален, би-културен, би-религиски и политизиран систем.

Сега кога Р.Македонија се стреми кон евро –атлантска интеграција прави политики на никаква вклученост и интеграција на етничките заедници во креирањето на политиките во која како и секогаш прсти меша и политиката.

Тоа дека по однос на малцинските права Македонија е последна во споредба со останатите балкански држави говори фактот со загарантираните пратенички места со (не)функционирањето на Агенцијата за остварување на правата на етничките заедници која служи како декор и оправдување пред Европската Унија, со неадекватната застапеност на помалите етнички заедници  во институциите со немањето на никаков закон ,стратегија кон помалите етнички заедници па се до најголемата грешка на Македонија во 1991 година  со спомнување на само некои етнички заедници во преамбулата на Уставот.  Според мене требаше или сите етнички заедници да се спомнат или никоја, со што се создава  нееднаквост, односно  етнички заедници сд прв,втор и трет ранг. Во првиот ешалон се Македонците и Албанците во вториот останатите што се спомнати во преамбулата на Уставот и во третиот етничките заедници што не се спомнати во преамбулата на Уставот, што ја наметнува потребата од итно воведување механизми за заштита на нивниот културен и национален идентитет.

Како може и според какви норми политичарите сакаат да наметнат во изборниот закон загарантирани пратенички места само за заедниците спомнати во преамбулата на  Уставот со што Египќаните, Црногорците ,Хрватите, Украинците, Полјаците, Русите, Словенците, Унгарците, Бугарите и.т.н. се исклучени, а и овие заедници плаќаат даноци, гласаат и придонесуваат како и останатите. Според мене најапсурдното нешто е што на Македонците од дијаспората им се дава можност да имаат 3 пратенички места во Парламентот на Македонија, па ве молам во каква демократска држава го има тоа. С водело добра малцинска политика па почитувани најлошата малцинска политика ја креира и ја наметнува Македонија, подобра и полиберална малцинска политика има една нова држава Косово.

Ако се направи една споредба со малцинските  политики во останатите балкански држави ќе се соочиме со една стабилна, сериозна  изградена  малцинска политика во Косово,Србија,Црна Гора,Хрватска со донесени вистински закони кои вродија со плод а не само закони кои стојат на хартија, почнувајќи со признавањето на сите етнички заедници во Косово и загарантирани пратенички места за сите етнички заедници, со формирање на Министерство за човекови и малцински прашања, како и законот на Република  Србија за формирање на Национални Совети на етничките заедници, тела кои се финансираат од владата на Р.Србија исто така и во Црна Гора со давање на големи фондови за етничките заедници како и Хрватска со загарантираните пратенички места и фондови за етничките заедници.На прашањето зошто Македонија не се вбројува во овие држави каде постојат вистински малцински политики следува одговорот во немањето на политичка добра волја и игнорантскиот однос на институциите кон оваа проблематика,но порано или подоцна ќе мора Македонија ова да го внесе во системот да ги интегрира сите етнички заедници ако сака да влезе во европската Унија, најдобро решение е формирање на Министерство за малцински права.

При тоа ако се спуштиме на локално ниво, пример ќе ја земеме Општина Охрид, тогаш ќе видиме ситуација на незастапеност на етничките заедници во општинската администрација како и недоволна застапеност на етничките заедници во Советот на Општина Охрид. Ако ги земеме за пример Египќаните кои се втори по бројност во Општина Охрид и ако кажеме дека има само еден државен службеник во општинската администрација од оваа заедница тогаш се ќе стане јасно. Мора да се спомне дека Египќаните се битен елемент за локални избори во Охрид и секогаш гласовите на оваа заедница се одлучувачки кој ќе биде Градоначалник,  но за жал сите кандидати за Градоначалници многу ветуваат а ништо не прават за Египќаните. Се разбира го забораваат и фактот дека Градоначалници се направени  со гласовите на Египќаните и што е најстрашно и не присуствуваат на прослави и јубилеи на Египќаните иако се уредно поканети.

Се на се, Македонија треба да не ги политизира сите аспекти на владеење ,треба повеќе да обрне внимание на суштинското и болно прашање за малцинските права и конечно треба да се впушти во акција ,а не само да прави закони кои стојат на хартија.

Со надеж за поголема ангажираност на институциите и интеграција на помалите етнички заедници до скоро пишување….

Вахид Мемед
Секретар на Здружението на Египќаните во Македонија
и Активист за малцински права


*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“
се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност
за содржината на истите.