Нема измени меѓу првите осум репрезентации во светот, а Македонија падна за четири места во однос на минатиот месец, на најновата, мартовска ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Со тоа продолжи расипувањето на пласманот веќе петти месец, оти во октомври Македонија беше 46-та (најдобро во историјата), потоа во ноември 49-та, во декември 56-та, во јануари на истото место, во февруари на 57. позиција, а сега на 61. место.

Слабиот пласман е во директна врска со резултатите, а тие на избраниците на селекторот Среќко Катанец се слаби, оти црвено-жолтите немаат победа од септември, кога на жешкото скопско сонце падна Шкотска (1-0). Потоа следуваа поразите од Холандија (1-2), Исланд (0-1), Црна Гора (1-2) и ремито со Молдавија (1-1). На Молдавија тоа реми (вредно само 101 поен) за овој месец и донесе скок за едно место и сега е на 98. скалило кај ФИФА.

На врвот и понатаму е Шпанија и тоа веќе осум месеци. Европсиот првак го предводи светот од јули минатата година. Германија, како и во минатите четири месеци е втора, а на третото место од декември лани и сега е Холандија, противникот на Македонија на 1 април во Амстердам, во квалификациите за Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка.

На листата има вкупно 207 репрезентации од целиот свет. Следната ранг-листа ќе биде објавена на 8 април.

ohridnews