Фудбалската репрезентација на Македонија од Скадар ќе стартува во квалификациите, преку кои ќе се обиде да стигне до Мундијалот во Русија во 2018 година. Албанија е првиот противник на најдобрите македонски фудбалери во Г групата, во која уште се Италија, Шпанија, Израел и Лихтенштајн.


Осум меѓусебни натпревари имаат одиграно Албанија и Македонија, но дуелот на „Лоро Боричи“ стадинот во Скадар, ќе биде прв во кој двете репрезентации ќе се борат за бодови.

Претходните осум средби беа пријателски и Македонија има позитивен скор (четири победи, пораз и три нерешени).

„Ова е почеток на нов квалификациски циклус. Имаме противник кој е во подем. Тие беа учесници на последното ЕП и тоа е дополнителен мотив да влеземе со максимално залагање и да започнеме со позитивен резултат. Немаме проблеми со повредени. Подготвени ќе влеземе на мечот“, вели селекторот на Македонија Игор Ангеловски.

Дуелот во Скадар ќе започне во 20:45 часот, а според најавите ќе го обезбедуваат 900 полицајци.

OhridNews