Во Охрид, како и во другите градови во Македонија денеска владее траорна атмосфера. Граѓаните со неверување ја примија веста за загинувањето на музичката ѕвезда Тоше Проески во Хрватска. Трагичниот настан е топ тема во јавноста. Во Скопје граѓаните масовно се собираат на плоштадот Македонија каде палат свеќи и оставаат цвеќе. Владата денот на погребот на Тоше го прогласи за Ден на жалост.
Трагедијата ги затекна и професионалните новинари кои учествуваа на Балканскиот медиумски форум што се одржува во Охрид. И тие со неверување говорат за немилиот настан.
Трагична вест. Многу сум потресена и не можам да зборувам ни изјави Нина Аритоноска НТ телевизија.
Бев шокиран кога ја чув веста и почувствував како да се дели нешто од мене, вели уредникот на Радио Охрид Милчо Јованоски. Тоше Проески стана легенда во својот живот беше човечен и имаше голема душа . Имав прилика на неколку пати да контактирам со него и тој едноставно зрачеше со позитивна енергија, која вечно ќе не грее и секоја негова песна кога ќе ја слушаме ќе не потсетува на еден трагично завршен живот, додава Јованоски..Македонија имаше и има со што да се гордее, со човекот кој ги помина границите на Македонија, но за жал смртта беше посилна, но како што вели во неговата песна „Игри без граници“ : „„останаа скинати и недопишани страници“ кои верувам дека неговите љубители ќе ги допишат и ќе замислат што се тој можеше да стане доколку останеше жив, завршува Јованоски..
Синоќа со колегите од другите земји учесници на Балканскиот медиумски форум во Охрид убаво се дружевме и ги пеевме меѓу другото и песните на Тоше Проески. Утрово кога станав колегите од работа ми се јавија и ме прашаа дали сум слушнала за трагичниот настан, навистина ниту верував ниту сакав да поверувам дека можело да се случи ова и дека може да му се случи на еден млад феномен од Македонија, извонреден пејач и човек, ни изјави новинарката на МРТВ Катерина Цанеска Арсовска.. Сум имала можност да снимам неколку пати со него и шокирана сум веројатно како и целата македонска јавност и навистина жалам што многу убави песни што можеше Тоше да ни ги подари ќе останат за жал неиспеани, вели Арсова.
Животот е навгистина краток , живееме на конец и не знаеме што и кога може да ни се случи. За жал тоа му се случи на Тоше човек кој е македонска икона и чувствувам тага која не можам да ја објаснам и мислам дека допрва ќе почувствуваме дека загубивме голем човек, ни изјави. Тони Михаилов Канал 77.
Г.М.