Јубилејот 50 години од Римскиот договор(и) и фактички основањето на Европската економска заедница, беше повод Секторот за европски прашања при владата на Република Македонија да организира трибина на тема „Римските договори: минато – сегашност“. Во Големата сала на општината, претставниците на локалната самоуправа, професори и студенти од Факултетот за туризам и бројните гости слушаа, но и можеа да поставуваат прашања претставниците на Евроинституциите во Македонија, Амбасадорот на Германија  Ралф Андреас Брет, Заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија Габриела Коневска-Трајковска, Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, како и Џоан Пирс, заменик (Charge d Affaires) на Амбасадорот на Мисијата на ЕУ во Македонија.


Присутните најмногу ги интересираше „кревањето“ на бариерите за слободно патување во Европа, потоа помошта од ЕУ за Македонија за побрзо интегрирање во европското семејство и на крај и датумот за преговори и конечно полноправно членство во ЕУ.

Амбасадорот на Република Германија, Н.Е. Ралф Андреас Брет изјави дека „западен Балкан е сеуште во плановите на Европската Унија, но кога Македонија ќе ги започне преговорите за членство во Унијата зависи од нејзе.“


На прашањето поставено од градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, „дали е нешто конкретно сторено од нашето министерство за надворешни работи по прашањето за олеснување и укинување визниот режим?“, министерот Милошоски одговори дека „во првото полугодие од 2007 се очекува ратификување повеќе договори за олеснување на визниот режим, а до крајот на годината и конкретна примена на истите паралелно со воведување на новите пасоши кои ќе бидат од врвен квалитет.“

„Во ЕУ постојат две струи, една британска која фаворизира проширување и една германска која бара исполнување строги критериуми пред земјата да се придружи на ЕУ, но и двете струи се слагаат дека проширувањето е незапирлив процес“ – рече вицепремиерката Габриела Коневска Трајковска. „За жал Македонија изгуби многу време и прилики во последниве 15 години. Добро е што денес и владата и опозицијата се на ист пат и непоколеблив став околу нашата кандидатура за влез во ЕУ“, додаде таа.

С. Костоски
Фото: П. Боев