Со поддршка за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, како важен услов за безбедноста на целиот регион, од страна на сите учесници актуелни политичари и поранешни претседатели и премиери на земјите на Балканот, заврши 11-тата конференција на Балканскиот политички клуб, што изминатите два дена се одржа во Охрид.

Голем дел од политичката елита на Балканот давајќи и поддршка на Македонија дека има право на своето име во спорот со Грција, во текот на дебатата потенцираа дека овој проблем сепак мора да се реши, бидејќи тоа е услов за членство на земјата во НАТО и ЕУ. Поради тој факт, сметаат тие, Македонија мора да преговара и да изнајде решение за ова спорно прашање преку компромис.

На форумот беа искажани различни варијанти како основа за продолжување на преговорите со Грција за името, што во моментов се повторно во ќорсокак. Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски смета дека без разлика како тоа ќе се одрази врз политичкиот рејтинг и изборите, оваа влада ја има одговорноста и мора итно да го реши проблемот со името. Според него политичката левица во земјава порационално размислува од десницата.

-Оваа влада има пред неа два избори. Или да го закопа проблемот уште подлабоко и да ја оддалечи Македонија од евроинтеграцијата на десеттици години. Најмногу ќе ја закопа ако продолжи со оваа антиквизација на Македонија. Пораките на сите странски учесници на форумот беа дека треба да престанеме да ја дразнеме Грција непотребно со античката историја, Што ни прави проблем. Оваа приказна со Античка Македонија треба да прекине, затоа што таа е слатка за слушање,но е тотално нереална и неусогласена со македонската историја. Втората насока на која треба да се движи актуелната влада е да ја преземе одговорноста на својот грб, да се соочи храбро и да го реши проблемот. – изјави екс премиерот Љубчо Георгиевски.

Одредницата Северна Македонија за Георгиевски и други политичари е добра основа за продолжување на преговорите за името, но сосема спротивен став има поранешниот дипломат Димитар Димитров.

– Со прифаЌањето на спецификата Северна или Горна Македонија, нашата позиција уште повеќе се расипува, зошто област од друга држава се наднесува над самостојна држава и меѓународно признат субјект. Тоа е катастфрофа. – смета поранешниот дипломат Димитар Димитров.

Некои од искусните политичари и поранешни амбасадори во светски асоцијации, не гледајќи решение за  Македонско-Грчкиот повеќедецениски спор за името, посочија дека влезот на Македонија во НАТО можеби побрзо да се  деблокира со ставање во оптек на референцата ФИРОМ. На дводневната конференција “Патот на Македонија кон НАТО и ЕУ” организирана од Македонија и Балканскиот политички клуб учествуваа еминентни имиња од актуелната и поранешната политичка елита на Балканот. Следниот ваков форум ќе се одржи во мај во Турција.

                        Нина Кепеска