Македонија со својот фолклор, култура и традиција може да стане многу интересна дестинација за италијанските туристи, чиј број се очекува наскоро значително да порасне во целиот балкански регион.

За таа цел денеска во Скопје беше промовиран туристички водич за Република Македонија на италијански јазик, кој се очекува значително да ја разбуди љубопитноста кај обичниот Италијанец за Македонија.

Водичот, чиј автор е Фабио Котифава, е издаден во соработка со регионалната невладина асоцијација „Балканија“, а целосно е финансиран од страна на италијанската транспортна фирма „Паганела“.

Предвидено е овој водич бесплатно да им биде поделен на туристичките работници ширум Италија, со цел Македонија да биде ставена во нивните понуди.

Македонскиот министер за економија Фатмир Бесими очекува дека со овој водич ќе се предизвика значителен пораст на италијански туристи во државата.

„Овој водич има големо значење со цел Македонија да се направи поблиска за италијанскиот пазар, но и пошироко“, рече Бесими.
Авторот Котифава истакна дека Македонија до пред некое време беше неправедно непозната на италијанскиот пазар, изразувајќи надеж дека со овој водич таа празнина ќе биде пополнета.

„Идејата која се роди да се направи овој водич беше токму да им дозволиме на нашите сограѓани да ја запознаат вашата прекрасна земја“, рече Капавали.

Идејата на невладина асоцијација „Балканија“, е да се промовира целиот регион како туристичка дестинација, преку алтернативните форми на туризам.

OhridNews
извор: „Макфакс“