Минситрите за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков, на Србија Небојша Стефановиќ, на Австрија Јохана Микл-Лаитнер, како и заменик државен секретар на Министертсвото за внатрешни работи на Унгарија Кристина Берта, денеска во Охрид потпишаа Меморандум за разбирање посветен за чекорите кои се неопходни за задржување на вонредниот притисок на мешана миграција која ги засега овие земји.
Македонскиот министер Чавков истакна дека Меморандумот е основа за поорганизирано и покоординирано делување на земјите од регионот заеднички во справувањето со мигрантската криза. Притоа беше истакната и потребата од поголема финансиска и техничка помош за земјите од Западен Балкан низ кои минува рутата по која мигрантите бегаат од воените жаришта на блискиот исток кон западна Европа.
– Конкретните чекори се однесуваат на две цели. Едната е хуманитарнер третман и згрижување на мигрантите, а другата безбедносна, односно ефективно справување и добра координација во превенирање и сузбивање на организираните криминални мрежи кои гледаат профит во овие процеси. – истакна Чавков.
Учесниците на конференцијата, истакнаа дека е потребна заеднички европски одговор за справување со кризата, посочувајќи дека на Македонија и на Србија им е неопходна помош во справување со бранот бегалци кој секојдневно расте.
-Сакаме да преземеме дел од товарот но не може целиот товар да се префрли на Македонија и на Србија. Не може никој да очекува дека нашите две земји ќе го преземат најголемиот дел од товарот за справување со миграција од ваков облик. Ние никого не обвинуваме ниту вперуваме прст во некого, само се трудиме да најдеме решение и мислам дека кога сите ќе почнат така да размислуваат и ја прифатат реалноста дека оваа криза ќе продолжи, можеме да дојдеме до решение. -рече спрпскиот министер за внатрешни работи Стефановиќ.
Министерката за внатрешни работи на Австрија рече дека земјата ги поддржува Македонија и Србија со технички ресурси, како и со човечки кадар, посочувајќи дека 40 австриски полицајци се распоредени на Српско – унгарската и Македонско – српската граница. Исто така во Македонија бил испратен и истражен тим за борба против нелегалната трговија со луѓе.
-Треба да направиме стриктно контролирани пунктови кои што ќе се постават на источната европска граница каде ќе може да направиме соодветен и многу ефикасен заштитен штит од бегалците, што се однесува на негативните аспекти. Тоа ги засега сите земји во Европа не само Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија. Потребна ни е сеопфатна иницијатива во која ќе се вложат многу финансиски средства за да изнајдеме целосно решение за мигрантската криза.-рече Јохана Микл-Лаитнер, министер за внатрешни работи на Австрија.
Учесниците на регионалната конференција во Охрид предупредија дека времето за реакција на Европа е кратко, бидејќи доаѓаат студени денови, кога ќе бидат потребни поголеми ресурси и соодветни услови за прифаќање и хуман третман на мигрантите. Оттаму тие очекуваат на претстојниот вонреден самит на ЕУ во Луксембург посветен на кризата со бегалците да се договорат конкретни мерки за справување со проблемот кој ја загрозува безбедноста на цела Европа.
Г.М.