На овогодинешното издание на меѓународниот филмски фестивал во Ротердам коj е во тек, и ќе трае до 2-ри февруари претставени се два филма поддржани од Филмскиот фонд на Македонија.

Во програмата “The State of Europe” прикажан е новиот документарен филм на Петра Селишкар, словенско-македонската копродукција „Мама Европа” кој досега имаше три проекции, а ќе биде прикажан и на 1ви февруари.

„Мама Европа” е приказна за Европа видена низ очите на шестгодишната Тера. Родена на Балканот, но израсната како граѓанин на светот од татко со кубанско-македонско потекло и мајка со словенечки корени, малата Тера многу бргу учи што е тоа граница. На патувањето низ поранешна Југославија со своите родители, таа запознава различни ликови и преку нивните интересни животни приказни, учи за земјите, политиката и историјата на континентот кој не е нималку обединет. Слушајќи за разликите што ги создаваат границите меѓу луѓето, Тера станува уште посигурна дека „ …нема ништо поважно од планетата Земја”.
 
Во програмата “Spectrum Shorts” на 26ти јануари се прикажа краткиот филм „Пештерата”, египетско-македонска копродукција во режија на Ахмед Гонеими, чија проекција воедно беше интернационална премиера на филмот. Во програмата “Spectrum Shorts” филмот има предвидено три проекции од кои последната е на 1ви февруари.

Приказната е за младиот басист Адем кој оди во Каиро во обид да направи музичка кариера, но и да внесе нов живот во старото пријателство со колега од бендот Амер.

Во Ротердам деновиве е и филмскиот критичар Благоја Куновски, кој оваа година е претседател на жирито на светската критика FIPRESCI, во чиј состав влегуваат и членовите: Maria Fosheim Lund (Норвешка), Guilhem Caillard (Канада), Алберто Кастелано (Италија) и Sasja Koetsier (Холандија)

Жирито на светската критика FIPRESCI доделува FIPRESCI награда за најдобар филм и е фокусирано на филмовите кои се прв или втор долгометражен филм на режисерот, а се дел од програмата “Bright Future”.

Благоја Куновски досега членувал во бројни жирија, меѓу кои и на големите фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Карлови Вари.

OhridNews

извор: „Макфакс“