Македонија ќе постави стотина билборди во и околу главните градови на Албанија, Србија, Словенија и Бугарија на кои земјата ќе се рекламира како привлечна туристичка дестинација. На билбордите ќе биде испишана пораката “Македонија таму каде што сонцето вечно свети“, а ќе бидат претстaвени мотиви од културно – историското и природното богатство на Македонија. Билборди со големина од 4х3, 8х4 и 15х4 метри ќе бидат поставени во Тирана, Софија, Белград и Љубљана, а кампањата ќе трае еден месец, информираше директорот на Агенцијата за промоција на туризмот, Зоран Стрезоски.


Макeдонија со билборди ќе привлекува гости од соседството

Покрај на билборди, Македонија ќе се рекламира и  во повеќе печатени медиуми во соседството, а испечатен е и друг рекламен материјал кој преку амбасадите ќе биде дистрибуиран до турустичките агенции во земјите каде ќе се спроведе кампањата, посочи Стрезоски.


Зоран Стрезоски

Очекувам по оваа кампања да се зголеми бројот на странски туристи кои ќе ја посетат Македонија, рече Стрезоски. Тој најави дека Агенцијата за промоција на туризмот со промотивен материјал ќе помогне да се реалзира и идејата за вопсоставување чартер лет од Украина до Македонија.


Во рамки на туристичката промоција на земјата, наскоро на двата аеродроми и на граничните премини ќе бидат поставени информативни столбови со пропаганден материјал. „На тој начин се надеваме дека ќе ги привлечеме гостите кои транзитираат низ Македонија да се задржат подолго во нашата земја и да посетат некое од туристичките места или културно историска знаменитост во Македонија“, истакна Стрезоски.


Покрај рекламната кампања, Агенцијата за развој на туризамот ќе ја продолжи промоцијата на Македонија и преку посети на туроператори и новинарски екипи на земјата. Од март до сега во Македонија престојуваа новинарски екипи и туроператори од Германија, Англија,Турција, Јапонија, Бугарија и Холандија, информираше Стрезоски. Тој најави дека денеска ќе пристигнат претставници на 11 туроператори од Германија, на 6-ти јуни земјата ќе ја посетат туроператори од Србија, а од 10-16 јули во Охрид ќе престојуваат туроператори и новинари од Русија.

Ohridnews