На 8- ми септември 1991 година, над 95 отсто од граѓаните кои излегоа на тогаш одржаниот референдум се изјаснија за самостојна Македонија. На референдумот му претходеше Декларација за независност која од страна на првиот повеќепартиски македонски Парламент беше усвоена на 25 јануари 1991 година, а на 18 септември истата година, беше усвоена и Декларација за прифаќање на референдумските резултати.
Следеше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, по воениот конфликт во 2001 година, Уставот беше надополнет со актите од Рамковниот договор постигнат во Охрид.
Меѓу првите држави кои ја признаа државноста на Македонија беа Република Бугарија, Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина.
На 8 април 1993 година, со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решевање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија.
Откако Грција поради спорот со името го блокира приемот, и покрај исполнувањето на сите критеритериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Македонија доби само условена покана за членство. Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и лани.
Централната прослава по повод 20 години самостојност, ќе се одржи во Скопје, под мотото „20 години државност – 20 години независна Македонија – заедно под едно сонце“.
Прославата ќе почне во 18 часот пред Парламентот каде што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ќе и ја предаде Декларацијата за независност од 1991 на Гардата на РМ. Со свечено дефиле низ портата „Македонија“ и Камениот мост Декларацијата ќе биде донесена до новиот Музеј на македонска борба, каде што ќе биде внесена во 19 и 30 од претседателот на државата Ѓорге Иванов. Први низ портата „Македонија“ ќе поминат илјада деца, што ќе ја симболизира иднината на државата.
Со театарски ораториум „Непокор“ пред музејот ќе бидат ислустрирани сцени од минатото во изведба на актери од сите македонски театри, а Армијата со почесна стрелба ќе им одаде почит на сите загинати херои. Покрај спомениците на плоштадот „Македонија“ ќе стојат актери во костими соодветни на периодот во кој живееле историските личности.
На 40-метарска сцена на плоштадот ќе се одржи музичко-сценски спектакл „Македоуниум“ во кој ќе учествуваат над 300 уметници. По обраќањето на премиерот Никола Груевски, на плоштадот ќе биде пуштена фонтаната со споменикот „Воин на коњ“. Ќе биде изведена свечената песна „Македонија“ од 20-ина естрадни ѕвезди заедно со Хорот на МОБ, Македонската филхармонија и „Танец“, кои ќе бидат на сцената.