Состојбата во Македонија е драматична смета поранешниот евроамбасадор во земјава Ерван Фуере. Тој ја обвини владата дека не ги почитува демократските принципи и правилата на ЕУ, како и дека целосно го има изгубено кредибилитетот, поради што треба да си поднесе оставка.
-Единствено решение за Македонија, според мене е сегашниот режим, односно владата да поднесе оставка, бидејќи е јасно од она што го слушаме од снимените разговори дека таа е инволвирана во нелегални активности и корупција и се обидува да ги поткопа институциите на државата. Потребен е нов пристап, кој ќе ги инволвира сите општествени чинители, кои треба да промовираат нов пристап кон демократијата и демократските институции и да се држат подалеку од старата политика која владее во Македонија повеќе години, а се рефлектира на најлош можен начин преку однесувањето на актуелниот премиер и владата предводена од него. –вели Фуере.
Според Фуере, ЕУ мора да заземе многу поактивна улога во надминување на политиичката криза во Македонија и да отпочне преговори со земјата за членство, но не со актуелната влада. Дел од експертите, пак, не се убедени дека процесот на евроинтеграција на регионот би можел да се забрза.
–Ако судиме според пораката на Јункер дека нема да има проширување на ЕУ во следните 5 години, јасно е дека интересот на ЕУ за регионот е мал. Додека не се случи нешто лошо како Куманово и тогаш сите светски медиуми и политичари почнаа да зборуваат за Македонија. Тажна е констатацијата дека доколку нема насилство нема интерес за Балканот.- –изјави Димитар Бечев од Европскиот институт.
Според Флоријан Бибер – Директор на центарот за југоисточна европа на Универзитетот во Грац, Австрија, голема одговорност за замрзнатите интеграции на Македонија сноси Грција.
-Грција ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија и тоа е сериозен проблем. Доколку ЕУ сака да биде легитимен и кредибилен партнер за Македонија и да го унапреди процесот на реформи мора итно да го реши тој проблем и да ја отстрани таа препрека за Македонија да и се приближи на ЕУ.-рече Бибер.
Експертите укажуваат на намалување на степенот на демократија во земјите од регионот, за сметка на авторитарни тенденции коишто се зголемуваат и се манифестираат преку коруптивно владеење и непочитување на институциите, што Балканот го враќаат наназад. Според нив Македонија е школски пример за автократско владеење, за што придонесуваат внатрешни и надворешни фактори и намалената довербата во евроинтеграциите.
-Во исто време се отвара простор за владеење на елити, коишто преку корупциски зделки ја користат власта за политички и личен бенефит и преку сатанизација на се што е опозициско мислење практично го заземаат просторот. Ова се случува во Македонија сега најакутно, веројатно како школски пример за автократски тенденции, но и во другите земји во регионот. Потребна е поголема интервенција на странските фактори, ЕУ, САД и сите пријатели на Македонјија за надминување на кризата но и за зајакнување на внатрешните капацитети на земјата -изјави Јасна Котеска – професор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Експерти од различни области во Охрид разговараат за предизвиците на Балканот, во рамки на Годишната конференција на Регионалната програма за истражување, што ја организираат Институтот отворено општество и Универзитетот од Фрајбург.
Г.М.