Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 во Прилеп (ианку е крушевчанец). По учеството на неколку детски фестивали, големата музичка кариера ја започнува со настапот на Мелфест во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните „Пушти ме“ на Макфест во 1997 и „Остани до крај“ со која учествуваше на изборот на песна за Евровизија. во 1998.

Тоше ја претставуваше Македонија на Евросонгот во  Истанбул, Турција во 2004 година, каде го освои 14-то место со песната „Лајф“ – „Ангел си ти“. Истата година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издава песната „За овој свет“.

Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“, а овој негов хит со месеци беше најслушан на просторите на поранешна Југославија..

Во неговата едно децениска кариера Тоше ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“- верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“-верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“-верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“-хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ со неколку месеци се наоѓаат на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки.

Покрај тоа што беше извонреден пејач, Тоше беше и голем хуманитарец. Редовно одржуваше хуманитарни концерти со разни намени, а слабост му беа децата. Последниот негов концерт исто така беше хуманитарен на 5-ти овој месец на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше наменет за обнова на основните училишта во земјава.

ohridnews