За да се справи со растечкиот бран бегалци од воените жаришта на блискиот исток и од Авганистан, Македонија неопходно треба да прогласи кризна состојба, смета експертската јавност. За ова прашање денеска расправа Собранието. Според експертите единствено на тој начин државата во функција ќе ги стави сите расположливи капацитети за контрола на кризата. Проф. Марина Митревска – од Инститиутот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје, смета дека државата треба да направи тампон зона и да изгради соодветен камп во Гевгелија, бидејќи оттаму доаѓа бранот бегалци.
–Тој камп ќе служи за евиденција на бегалците за да може понатаму државата контролирано и организирано да го процесуира нивниот транспорт до местото каде треба да ја напуштат државата, односно Табановце. – вели Проф. Митревска.
Таа укажува на опасностите кои неминовно ги носи криза од вакви размери, посочувајќи дека помеѓу бегалците има лица со секакви цели. Митревска потсетува на бегалската криза од 1999 година кога населението во Македонија се зголеми за речиси 15 проценти за само два дена. Професорката која е автор и на пет книги од областа на кризниот менаџмент, предупредува дека менаџирањето на актуелната криза претставува огромно финансиско оптоварување за буџетот на државата поради што таа треба да побара помош од ЕУ и ОН. Според неа постои опасност дел од мигрантите кои се обидуваат да стигнат до западна Европа преку балканот да бидат вратени во Македонија, каде поради политичката криза не се обраќа доволно внимание на проблемот со бегалците.
– Ние мора да бидеме подготвени превентивно што ќе правиме доколку хрватите и словенците ги затворат границите за што веќе има најава. Дали тоа значи примена на меѓународно хуманитарно право, бегалецот од која држава доаѓа ви го враќаат и тука останува? Доколку ние ги евидентираме ќе ни ги вратат? Што тогаш, која политика ќе биде на владата да се справи и со таа можност и закана во случај кога имаме политичка криза и кога политичката елита во 90 проценти е ангажирана на решавање на политичката криза. – прашува професорката Митревска.
Според Зоран Кековиќ од Факултетот за безбедност Белград Србија, бегалската криза неизбежно ќе предизика безбедносни проблеми во земјите од регионот, доколку државите не обезбедат елементарни услови за живот на мигрантите кои поради финансиска исцрпеност ќе останат на Балканот. Тој предупреди и на можноста од зголемување на трговијата со луѓе, која ионака цвета на балканот.
-Тие што се искусни во таа област и имаат развиена мрежа на трговија со луѓе многу вешто ќе се адаптираат. Бидејќи тоа е еден од облиците на организиран криминал, не треба да се исклучи можноста политичките и бизнис елитите во земјите од Западен балкан да се инволвираат во таквиот криминал.-рече Кековиќ.
Проф Лидија Чехулиќ Вукадиновиќ од Факултетот за политички науки Загреб предупредува на последиците од неединствената политика на ЕУ која е поделена на два блока, едниот предводен од Германија која се залага за хуман третман на мигрантите, а другиот од земјите од Вишеградската група кои не сакаат да примат бегалци. Според неа државите од Западен балкан треба да се приклонат кон членките на ЕУ кои се залагаат за изнаоѓање соодветно решение за луѓето на кои им е потребна помош.
-Некои се прашуваат дали може да дојдат потенцијални терористи кои можат да ја загрозат безбедноста на Европа и на Западен балкан, се разбира дека и тоа е можно. Но едноставно живееме во мултиполарен свет, во кој безбедносните предизвици се многубројни и невозможно е однапред се да се предвиди и да се заштитиме од нив. Едноставно Европа, односно ЕУ мора да научи дека и натаму ќе живееме во мултикултурен свет. – вели Чехулиќ Вукадиновиќ.
За Мигрантската криза во Охрид разговараат експерти од САД, Ирска, Шведска, Шпанија, Италија, Словачка, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Австралија, Летонија, Руанда, Грција, Албанија, Полска, Црна Гора, Шри Ланка, Босна и Херцеговина и други земји кои учествуваат на меѓународната конференција посветена на современите безбедносни предизвици што се одржува во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет од Скопје, кој со овој настан одбележува 40 години од неговото постоење.
Г.М.