Република Македонија е подготвена да вложи максимум напори на претстојната нова рунда разговори со Грција да се направи чекор напред во решавање на билатералниот спор за името. Ова е ставот на македонскиот државен врв кој вчера во претседателската вила „Водно“ во Скопје имаше консултации околу стратегијата за продолжување на преговорите, на кои за прв пат учествуваше и вицепремиерот Абдулаќим Адеми од ДУИ.
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски најави дека на 22 јуни во Женева преговарачот во спорот за името, Метлу Нимиц, ќе има средба со претставниците на двете земји. Тој очекува преговорите да добијат одредена динамика и да се направат одредени придвижувања во процесот.
– Ние остануваме проактивни за да можеме да ги претставиме што подобро нашите идеи, позиции, концепт и размислување за тоа што може да значи компромис, а да не биде еднострано или да биде диктат. Едната страна би била победник, а другата би била поразена или понижена. За долгорочно и успешно затворање на овој спор потребно е да има компромис, да се почуствува одредена рамноправност и запазување на достоинството и принципите на двата субјекта вклучени во ова прашање, истакна Милошоски.