На неодамнешниот прес на локалната самоуправа на кој се говореше за причините поради кои сеуште не се изградени канализацијата во Лескоец и колекторот во Пештани, реагираше раководителот на секцијата на Македонија пат Охрид, Лазе Ставрески. Во отвореното писмо до медиумите тој негира дека јавното претпријатие со кое тој раководи ја опструира локалната самоуправа во реализација на инфраструктурните зафати во Лескоец и Пештани:
 
„За да знае јавноста, на која толку многу се повикувате, јавно ке Ви укажам дека колекторскиот систем што треба да го градите во с.Лескоец можете да го отпочнете со градба истиот момент кога ке ја добиете согласноста од надлежните институции и се разбира – во целост да се придржувате кон прописите и критериумите што истата таа ги бара од изведувачот.

По однос на обвинувањата во Ваш стил дека ништо не сме направиле за Охрид пред ниту еден самит – само да Ве потсетам Вас и јавноста на некои моменти од нашето работење. За НАТО Самитот во Охрид, што се одржа минатата година ние, како Јавно претпријатие направивме повеќе зафати за разубавување на градот, а ќе Ви набројам само некои. На патната мрежа од Аеродром до х.Метропол:

–         вградивме 628м. еластична ограда,

–         исфарбавме 280 м. стари еластични огради,

–         искресавме банкини 28.500 метри квадратни,

–         машински изгребавме асвалт 1.962 метри квадратни,

–         вградивме 403 тони асфалт,

–         машинско косење на трева – 48.000 метри квадратни,

–         пополнување на банкини – 1.800 метри квадратни,

–         вградивме заштитна мрежа од 500 метри квадратни,

–         машински ископавме канали – 1.295 метри кубни,

–         монтиравме 374 смерокази,

–         поставивме 11 патокази за населено место,

–         поставивме 7 патоказни табли од 5 до 8 метри квадратни

–         поставивме 89 сообраќајни знаци,

–         исчистивме и подигнавме грмушки и трње – 214 камиони,

–         реализиравме во м.април 1770 ефектни часови,

–         во м.мај – 1998 ефектни часови,

–         во м.јуни – 1685 ефектни часови,

–         во м.јули – 1480 ефектни часови,

 

Градежните книги за овие зафати се потпишани и исплатени од тогашниот Фонд за магистрални и регионални патишта на Република Македонија.

          
Ќе додадам и дека :

– Државата финансираше преку други субјекти изградба на паркинг-плац кај х.Инекс-Горица со површина од околу 800 метри квадратни,

– Направи проширување и уредување на пристапниот пат до хотелот со 2 коловозни ленти,

– Ја осветли делницата од Билјанини Извори до х.Климентица.

Кажете и на Охридската јавност вака транспарентно што  направивте Вие од Локалната самоуправа???

Динамиката на работење и зафатите на патната мрежа ние ги реализираме во согласност со програмата што ја изготвува Јавното претпријатие заедно со Агенцијата за патишта на Р.Македонија, а не по лични желби и барања на поединци.

Ќе завршам со Вашите зборови – навистина е жалосно за Охрид со ваква Локална самоуправа“, се вели во писмото на Лазе Ставрески –раководител на Ј.П.Македонија пат – Секција Охрид.

Ohridnews