Република Македонија останува активно вклучена во разговорите што се водат под покровителство на ОН и покрај максималистичките позиции на Грција и очекува од Атина да се придржува до одредбите од Времената спогодба и да не ја попречува нејзината евроатлантска интеграција.

Ова е ставот на државниот врв усогласен на синоќешната средба во Скопје на која македонскиот претставник во разговорите за името амбасадорот Зоран Јолевски го информираше за тврдите позиции на грчката страна кои му биле претставени на посредникот Метју Нимиц на последната средба во Њујорк.

– Во духот на Времената спогодба и почитувајќи ги нејзините норми, Република Македонија и натаму ќе остане активно вклучена во овој билатерален дијалог кој се води под покровителство на ОН. Очекуваме дека нашиот јужен сосед ќе се придржува до нормите на  Времената спогодба и до мандатот што го има посредникот Нимиц и врз основа на кој може да одредува определени динамики и отвора дискусии за одредени прашања. Во исто време сметаме дека со почитување на Времената спогодба Владата во Атина ќе посвети доволно внимание и на нејзините норми и одредби што се однесуваат на поддршката на нашата држава кога станува збор за евроатланските интеграции, во меѓународните организации и институции каде Република Грција веќе е членка, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски по средбата на државниот врв.

На средбата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и вицерпремиерот за имплементација на Рамковниот договор Абдилаќим Адеми.

Државниот врв информираше дека амбасадорот Јолевски во наредните денови ќе биде на располагање на релевантните политички партии и нивните политички првенци кои сакаат да бидат известени непосредно за најновите случувања во грчко-македонскиот спор за името.

Ohridnews