Јавното претпријатие кое стопанисува со станбен и деловен простор и во рамките на своите ингеренции располага со Градскиот стадион во Скопје, пред два дена ја извести фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) дека по извршените стручни консултации со изведувачите на градежните работи на овој фудбалски храм, реши привремено да ги извади рефлекторите на Градскиот стадион во Скопје.


Ваков “Градски“ неможе да биде домаќин

Како што пишува дневниот “Утрински“ весник  во образложението на ваквата своја одлука надлежните од Јавното претпријатие ја известуваат ФФМ дека последните активности ќе ги преземат за да полесно ги довршат започнатите градежни работи во комплетната изградба на северната трибина.

Последниот потег на Јавното претпријатие и дефинитивно ги закопа сите надежи на љубителите на фудбалот во земјава дека во септември и покрај градежните работи на Градски ќе можат да проследат репрезентативен фудбал во Скопје. Имено, во рамките на новиот квалификациски циклус за пласман на СП, во овој термин во Скопје треба да гостуваат фудбалските репрезентации на Шкотска и Холандија.


Фаворитете во групата ќе ги пречекаат во соседството

Ситуацијата дополнително се искомплицира бидејќи нашата земја нема втор репрезентативен фудбалски објект каде што би можеле да се одиграат квалификациски мечеви од овој ранг. Стадионите во Струмица и Прилеп ниту оддалеку не ги исполнуваат условите за да ги прифатат селекциите на Шкотска и Холандија, така што е се поизгледно дека ќе се случи еден парадокс и нашиот национален тим ќе биде приморан мечевите против Шкотска и Холандија, најважните дуели во новиот циклус според мислењето на селекторот Среќко Катанец, да ги одигра во соседството односно Софија или Белград.

По барање на  водечките светски фудбалски организации  ФИФА и УЕФА незадоволните девет Општински фудбалски сојузи ќе го одложат најавеното вонредно собрание на Фудбалската федерација на Македонија кое требаше да се одржи на 2 март. Во соопштението испратено до медиумите “иницијаторите“ велат дека не сакаат да се повторат ланските случувања и одлучиле да го почекаат ставот на двете водечки фудбалски федерации. Доколку во рок од две недели не добиеме одговор од ФИФА и УЕФА на крајот од месец март ќе го одржиме Вонредното собрание за смена на Хаџи-Ристески и неговиот УО”, се вели во соопштението на иницијаторите за промени во ФФМ