Република Македонија нема да добие покана за НАТО, соопшти вечерва портпаролот на алијансата Џејмс Апатурај на прес конференцијата по вечерата на шефовите на држави на 26-те членки на НАТО во Букурешт.

Две од трите земји аспиранти ќе добијат покана додека Македонија ќе мора да почека нова прилика. Апатурај рече дека сите земји членки на НАТО го поддржале приемот на Македонија кој го блокирала Грција со вето. Сепак се остава минимална можност за одлуката за приемот на Македонија во НАТО да се расправа и во текот на утрешната претпладневна сесија на Алијансата. Засега нема најави дали грчкото вето ќе повлече контра вето на некоја друга членка на НАТО како што претходно најави Турција во случај Македонија да не добие членство во алијансата.

Одложувањето на приемот на Македонија во НАТО претставува сериозен удар за државата, но и за алијансата, и пред се за САД кои отворено застанаа зад приемот на трите земји од Јадранската група. Се очекува во текот на ноќта да дојде до засилена дипломатска активност со што евентуално би се променила состојбата. Речиси без исклчок сите членки на НАТО сметаат дека приемот на Македонија е оспорен поради ирационален билатерален проблем со името, на што се очекува меѓународната заедница соодветно да одговори.

Засега нема официјални коментари на грчкото вето од владини-државниот врв кој  се наоѓа во Букурешт. Какво влијание ќе има не добивањето на поканата за НАТО врз Македонија со сигурност никој не знае да каже, но се очекува тоа да се одрази  пред се  во економијата и безбедноста на земјата. Оттаму првичните реакции на експертите во земјата се дека Македонија треба брзо да се консолидира и да обезбеди политичка стабилност на внатрешен план, да ги зацврсти односите со сојузниците и да ја преиспита билатералната политика со Грција.

ohridnews