Нашите претставници Тамара, Врчак и Адријан  не успеаја да изборат пласман во финалето на Евросонгот што се одржува во Белград.

Иако имаа одлична песна која стилски се разликуваше од останатите композиции кои беа изведени во втората полуфинална вечер на 53-от Евросонг, модерниот ритам и певливиот рефрен не беа доволни за влез во финалето. Втората полуфинална вечер, сепак донесе многу подобри композиции и сценски настап на учесниците отколку првата полуфинална вечер. На крајот од гласањето се покажа дека многу од песните кои важеа за фаворити не влегоа во финалето.

За нас е разочарувачки ваквиот исход од гласањето, затоа што нашата песна важеше за еден од фаворитите пред почетокот на втората полуфинална вечер. Сепак, на крајот вината не треба да се бара кај нашите изведувачи бидејќи Тамара, Врчак и Адријан одлично ја претставија Македонија на изборот за песна на Евровизија. Одамна е познато дека на Евросонгот соседните држави гласаат една за друга, а овојпат балканското лоби потфрли во случајот со Македонија.

Генерално, за организацијата на Изборот за песна на Евровизија може да се каже дека Србија прилично се потрудила и дека белградска Арена изгледаше блескаво, освен некои технички пропусти при реализацијата на преносот во смисла на неусогласеност на кадрите при прикажувањето на изведувачите што беше видливо и при изведбата на нашата песна.

Разочарувачки исто така е и што и покрај силните најави организаторите на Евросонгот не направија ништо за да го одбележат сеќавањето на Тоше Проески.

Јасминка Т. Момироска