„Од овие простори потече словенскиот литературен јазик, тука бил првиот словенски универзитет и охридската средновековна школа, и место да се држиме до тие аргументи ние сега се враќаме десетина векови наназад сметајќи дека ќе добиеме нешто со тоа. Напротив стануваме смешни барајќи врска со некои луѓе дојдени од Пакистан, бидејќи тоа кај науката не поминува“, вели професор Трајко Стаматоски, потпретседател на Меѓународниот славистички комитет.
Според Иван Доровски, светски познат славист од Чешка, прашањата поврзани со античкото минато што сега ги отвора македонската политичка елита и дел од стручната јавност нема да и донеат ништо позитивно на Македонија во процесот на преговорите за името.
„Сега кога се решаваат клучните прашања за македонската држава, Македонија треба да се држи до своите корени и до аргументите дека од неа потекнува словенското писмо. Тргнувајќи оттука да си го сочуваме нашиот словенски идентитет, а со тоа и нашиот македонски идентитет, а не да бараме корени кон антиката зошто во тоа научната јавност во светот која ја познавам не е уверена“, вели професорот Доровски.
Според претседателот на МАНУ,академик Георги Старделов, македонската палеославистика треба да даде одговор на некои присутни тенденции за десловенизација. „Тоа ја разградува темелната смисла на македонскиот културен, верски и национален идентитет, зашто во Охрид се ставени темелите на нашата цивилизација, темелите на нашата сопствена културна национална база, темелите на нашиот духовен идентитет, а со тоа и темелите на нашето автохтоно духовно творештво и уметност“, рече Старделов во обраќањето пред учесниците на Светскиот славистички конгрес што се одржува во Охрид.
Според научната јавност македонскиот идентитет е неспорен и непобитен, но тој не може да се брани со бегање од сопственото минато. Таквото однесување може само да нанесе штета на македонските позиции во време кога земјата е под силен политички притисок од Грција, сметаат славистите.