Полни трибини, одлична атмосфера, сите навивачи треперат и стискаат палци за победа. Ваквите глетки беа подзаборавени некое време на фудбалските натпревари на Македонската репрезентација.

Со назначувањето на Чедомир Јаневски за селекторот на Македонија веднаш се подгреаа емоциите кај сите спортски работници посебно фудбалерите. Пред него беа квалификациите за мундијалот во Бразил, Јаневски продолжи да работи по теркот на неговиот претходник Џон Тошак. Не промени многу фудбалери, но, во нив внесе нов дух победнички.


–    Самиот потег да се преземе репрезентација еден месец пред почеток на квалификации е за поздрав. Покрај што наметна дисциплина, тој не сплотува, ни влева голема доза на надеж и желба за победа на секој натпревар. Неговата ментална стабилност беше видлива после поразот од Хрватска кога не дозволи никој да го напушти стадионот со наведната глава. Се што ни избега од раце во првите натпревари, го грабнавме во дуелот со Србија. Одигравме паметно не се залетувавме и стрпливо ја чекавме шансата. Добрата атмосфера во македонската репрезентација си го направи своето и на големо задоволство ги израдувавме навивачите на “Филип Втори“ –  посочи стрелецот на два гола за Македонија, Агим Ибраими.


Фудбалерот на Марибор, Ибраими беше централна фигура на мечот со Србија. Го имаше на секаде на теренот, беше констатна закана за Коларов. Од голема помош за Ибраими беше одличната соработка со десниот бек на македонската репрезентација Георгиевски кој беше од голема помош за пробивање на српскиот бедем.

Во 56-та минута Ибраими мајсторски на тацна го проигра Хасани кој беше фаулиран во казнетиот простор. Откако холандскиот судија покажа на белата точка и го исклучи Томовиќ, Ибраими во стил на голем фудбалер погоди за победа на Македонија.


–    Ова не е лимитот на македонската репрезентација, ова е само почеток. Јас многу верувам во оваа селекција. Сите фудбалери покажаа храброст, цврстина и колектив како никогаш не сме виделе. Драго ми е што ја израдувавме македонската јавност со победа бидејќи им бевме големи должници. Секако да освојувањето на трите бода против Србија ни ги подгреаа надежите за што повисок пласман – заврши Ибраими за дневниот весник “Дневник“.

Македонија во првите три натпревари освои еден бод. Во четвртата рунда следуваше победата над  Србија од 1-0 на “Филип Втори“ . Во март следната година не очекува двомеч со Белгија а пред тоа Македонија игра пријателска средба со Словенија.

Мх.П.