Македонија се најде на 44 место според индексот на корупција изработен од World Justice Project (WJP), со резултат од 0.55, ако се знае дека најдобра оценка е 1, што е назадување од десет места во однос на извештајот за 2014 година, кога беше рангирана на 34 место.
Во регионот на Југоисточна Европа подобра од Македонија е Босна и Херцеговина која се најде на 40 место со резултат од 0.57, а зад Македонија се Албанија со 0.52 на 53 место и Србија со 0.50 на 60 место. Од земјите во регионот кои се членки на Европската Унија, Бугарија е веднаш зад Македонија на 45 место со индекс од 0.55, а Грција и Хрватска се на 33 односно 35 место со ист индекс од 0.60.
Најдобро рангирани се земјите од Скандинавија, Данска на првото место, со ист индекс како и Норвешка која е втора од 0.87, а Шведска е трета, со индекс од 0.85. На дното на листата се Зимбабве, Авганистан и Венецуела.
Резултатите за перцепција на корупцијата се добиени на анкета на 1.000 граѓани во секоја земја, а прашани се и локални екперти по право. Главни показатели кои се следени се ограничувања на владината моќ; отсуство на корупција; отворена власт; основни права; ред и безбедност; спроведување на прописите; граѓанска правда; кривична правда и неформална правда.
OhridNews
Извор: „Макфакс“