Македонија се наоѓа на листата земји во кои е најризично да се разболиш при патување, објави „Вест“. Според најновиот извештај на компанијата „Интернешенал СОС” со седиште во Лондон, на оваа листа со висок ризик за здравјето се наоѓаат и Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Анализата на организацијата која ја објави весникот „Вашингтон пост”, содржи и мапа на светот, на која се обоени земјите со најмал до најголем ризик. Таа е направена врз основа на 300.000 медицински случаи кои во 2014 година ги забележа „Интернешенал СОС”, која е специјализирана за здравствена заштита и услуги во случај на итност за оние што сакаат да патуваат во странство. Здравствениот извештај ги зема предвид ризиците од заразни болести и инфекции, и достапноста и квалитетот на локалната здравствена инфраструктура да утврди колку е голем ризикот при патување во конкретна земја.

На пример, во Бутан и во Мадагаскар, се вели дека тешко можат да се најдат соодветни болници, а Куба е класифицирана како земја со висок ризик, иако во 2008 година беше посочена не само како земја која може да се справи со домашните медицински потреби туку и во неа се обучувале 20.000 доктори и медицински сестри од странство на годишно ниво.

Според организацијата, Африка се соочува со најголем недостиг на здравствена грижа и резерви за патниците во случај на потреба.
Скоро половина од континентот е означен дека се наоѓа под екстремен ризик, особено Западна Африка каде што се појави ебола.
Единствени земји во кои се вели дека има среден ризик за здравјето за патниците се Мароко, Тунис и Јужна Африка.

„Интернешенал СОС” ги посочи Бразил, Русија, Индија и Кина како високоразвиени земји. Тие се обоени со кафеаво на мапата, што покажува дека во големите градови може да се добие квалитетна здравствена заштита.

Поголемиот дел од Источна Европа, пак, се води како средно ризичен или дури и како високоризичен, како што е во Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и во Македонија. Во истата категорија се вбројуваат и Белорусија, Молдавија и Украина.

OhridNews

Извор:„Вест“