Во владината вила во Охрид, утрово зад затворени врати продолжија  преговорите помеѓу Македонија и Грција околу спорот со името.

Домаќин на средбата е македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој на почетокот ги поздрави учесниците во разговорите кои се водат со посредство на специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц.

Од извори од Министерството за надворешни работи, дознаваме дека шефот на македонската дипломатија  Милошоски понудил  Македонија и Грција да усвојат заедничка Декларација за пријателство и добрососедство. Од македонската страна било понудена Декларацијата до крајот на февруари да ја потпишат министрите за надворешни работи на двете земји. Исто така бил понуден и текстот на Декларацијата и се очекува тој да биде разгледан на денешната средба.

Како што дознаваме Македонија во Декларацијата би го реафирмирала  ставот дека немала и нема да има територјални претензии кон Грција. Исто така се предвидува и формирање заедничка образовно-историска комисија во која ќе членуваат експерти, историчари и претставници на невладиниот сектор. Комисијата би разменувала мислења за фактите  што едната или другата страна ги сметаат за проблематични. Македонското министерство за надворешни работи, очекува позитивен став во однос на предложената декларација и веројатно амбасадорот Василакис по завршувањето на разговорите во Охрид ќе го соопшти грчкиот став по овој предлог.


средбата се одвива зад затворени врати

Преговорите кои за прв пат се одржуваат надвор од Њујорк се одвиваат во вообичаениот формат. Македонската делегација ја предводи амбасадорот Никола Димитров, а на чело на грчката делегација е амбасадорот Адамантиос Василакис.


грчкиот преговарач Василакис

Според најавите од протоколот, детали за средбата нема да се соопштуваат додека траат разговорите, по кои се очекува на прес конференција да се обратат предводниците на преговарачките тимови, некаде околу 13 ч.

Г. Момироски