Прв добитник на ова високо признание е Даисаку Икеда, хуманист од светски глас, чии книги се издадени на сите меридијани на светот и кој е наречен корисеј на дијалогот меѓу цивилизациите. По интонирањето на државната химна на Република Македонија пред околу 1000 посетители, Амбасадорот Плевнеш во својот говор за познатиот јапонски хуманист рече дека со овој чин Охрид ќе ја возобнови традицијата на Св. Климентовата школа со македонскиот хуманизам и универзализам што Даисаку Икеда го популаризира во своите книги објавени во милионски тиражи во светот.
Во својата благодарност Даисаку Икеда истакна дека Република Македонија е земја која со својата оригиналност во Балканската и Европската историја зрачи со својата хуманистичка традиција и претставува патоказ на историскиот прогрес и човечката надеж.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој во Музејот “Минон” ја отвори изложбата Охрид – бисер на Југоисточна Европа од Македонскиот фотограф Зоран Летра, оствари голем број на плодотворни контакти со значајни економски и туристички институции кои го прогласија Охрид за нова дестинација на Јапонскиот туризам, а во својот говор ги истакна вековните симболи на Охридската убавина.
Македонската делегација му ја предаде на г. Даисаку Икеда поканата од претседателот на Македонската влада, Никола Груевски да присуствува на светската конференција на “Дијалог меѓу религиите и цивилизациите”, што ќе се одржи од 25 до 28 октомври 2007 год. во Охрид што Икеда ја оцени како голем меѓународен настан што повторно ќе го потврди Илинденското место на Македонија како место на хуманизам и цивилизациски дијалог. Како претседател на организацијата “Сока Гакаи Интернационал” (Создавање на меѓународни вредности), Икеда ги извести Амбасадорот Плевнеш и Градоначалникот Петрески дека за време на одржувањето на конференцијата ќе пристигнат 100 корени јапонски цреши кои симболично ќе го одбележат вечното пријателство меѓу Македонија и Јапонија.
Јапонските медиуми посветија исклучително значење на овој настан во Токио, а јапонскиот дневен весник “Сеико Шимбун” кој излегува во петмилионски тираж на насловната страна објави текст со наслов “Македонија на големи врати пречекана во Токио”.
04 мај, 2007 год. – Токио
Александар Петрески