Делегација на невладината организација „Македонија 2025“ со коктел за најдобрите македонски менаџери што се одржа во хотелот „Макпетрол“ во Струга ја започна тридневната посета на нашата земја.
„Создавањето на индивидуален и јавен дијалог е од круцијална важност за засилување на македонската економија и би сакале да ја искористиме нашата посета за да одредиме каде Македонија 2025 би била најкорисна во забрзување на економскиот развој на земјата.“ изјави Мајк Зафировски, претседател на „Македонија 2025“от и извршен директор на NORTEL Networks Inc.
Мајк Зафировски
Трите најважни цели на „Македонија 2025“ се најпрвин да одбереме индустрии кои ќе може да се развијат во Македонија. „Мислиме дека тоа се информатичката технологија, туризмот и малите индустрии, изјави за ohridnews, Зафироски. „Македонија 2025“ не е политичка организација туку има само една желба Македонија да ја направи јака економска сила. Преку ноќ ништо не може да се направи вели Зафироски, но мора да се почне и со подршката на државата и граѓаните може да се постигнат резултати, додава тој.
Мајк Зафироски во моментов е еден од најбараните менаџери во САД и советник на бушовата администрација. Вели дека секогаш стои на располагање на Македонија од која како што кажа е одалечен само еден телефонски повик. Верува во подобро утре на Македонија, а периодот до 2025 го смета за доволен да се направи економски подем, кој според него веќе е отпочнат.
членовите на „Македонија 2025“
Покрај Зафировски, членови на организацијата Македонија 2025 се и г-дин Џон Битов, Претседател и извршен директор на Priszm Canadian Income Fynd и Canadian Satellite Radio – XM Canada, Митре Кутановски, поранешен извршен директор на American Express, Љупчо Наумовски, заменик претседател и генерален менаџер за Русија на Kinross Gold Corp. и Венко Глигоров, основач и Генерален менаџер на Логин Системи.
На коктелот во хотелот „Макпетрол“ присуствуваше дел од македонската бизнис елита, владини претставници и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. Меѓу гостите беше и Ристо Гуштеров еден од најголемите бизнис лобисти на Македонија во САД. Тој смета дека иницијативата „Македонија 2025“ е добра работа, а дали ќе даде резултат ќе покаже времето. „Ако не се донесат пари и конкретни инвестиции со совети ќе се помогне, но крајниот ефект ќе биде не многу добар за идниот развој на Р. Македонија“ смета Гуштеров, кој оваа своја изјава ја нарече провокација за Мајк Зафировски како претседател на Nortel да донесе инвестиции во Македонија.
Македонија 2025 е независна, непартиска организација чиј мандат е да стимулира одржлив економски развој во Република Македонија. Целта на посетата е одржувањето на „Совети за обезбедување на инвестиции за вашиот бизнис“.
Покрај со бизнисмените членовите на „Македонија 2025“ деновиве ќе се сретнат и со државниот врв.
Г. Момироски