Седумдесеттина претставници на катастарски агенции од државите во регионот, како и на Холандија, Шведска и Норвешка, учествуваат на Втората регионална конференција за катастар и земјишна администрација, што денеска започна во Охрид. Во наредните  три дена тие ќе ги разменуваат сопствените искуства, со намера да развијат ефикасна и сигурна земјишна администрација.


Работата на катастарот е еден од клучните фактори за овозможување непречен влез на странски инвестиции и за подобрување на севкупната инвестициска клима во секоја земја, рече во поздравното обраќање министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој истакна дека катастарот во Македонија е лидер во реформите што ги спроведува. Тој најави  дека до крајот на оваа година речиси целата територија на Република Македонија ќе биде катастарски евиндентирана, а веќе активно се работи на процесот на дигитално поврзување на сите катастри така што граѓаните преку интерент ќе можат да ги видат своите имотни листи.


Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, Љупчо Георгиески рече дека предзивиците што претстојат се мотив повеќе за современо сервисно ориентирани организации на земјишна администрација и катастар, кои своите податоци треба да ги стават на располагање на своите корисници, во форма и начин соодветен за потребите на бизнис-заедницата и граѓаните.

На тридневната конференција во Охрид ќе биде презентирана ажурираната верзија на Студијата за земјишната администрација, а ќе бидат претставени и резултатите од истражувањето спроведено во државите од регионот.

Ohridnews