Јуниорската репрезентација на Македонија очекувано, со убедлива победа над Ангола ги започна настапите на Светското првенство што се игра во Охрид и Скопје.

На отворањето на мундијалот во Охрид, избраниците на Вујовиќ до врв ја наполнија мрежата на Ангола совладувајќи ја со 39:16.

Двеилјадната публика во салата „Билјанини извори“ следеше нерамнопрвен дуел. Македонските јуниори по подносливите 15:7 во првиот дел во второто полувреме направија огромна разлика со што само ја потврдија разликата во квалитет на противниците која се мери во класи.


Дејан Пецакоски во налет

Македонија имаше реализација од 64%, а најефикасен на теренот беше Дејан Пецаковски со 7 постигнати гола.

Убедливата победа над  Ангола ќе влијае позитивно на моралот кај македонските јуниори, но нема да значи ништо доколку не добиеме барем два од трите преостанати средби во А групата, против Шведска (среда), Португалија и Кувајт. Кувајтќаните сериозно се наметнуват како фаворити за пласман во следната рунда по победата над Португалија од 32:28, додека Шведска беше слободна во првото коло.

Селекторот Вујовиќ по средбата рече дека бил изненаден од исполнетоста на салата во Охрид на мечот со Ангола. „Не очекував толку многу публика на отворањето, но тоа е само уште една потврда колку македонците го сакаат ракометот“, рече Вујовиќ.

Што се однесува до натпреварот тој рече дека и покрај  убедливата победа македонските јуниори направиле многу грешки. „Најбитно е што победивме, но ако играме вака против Шведска ќе имаме многу проблеми“, предупреди Вујовиќ.


Мора подобро-Веселин Вујовиќ

Нашиот најдобар поединец Пецаковски рече дека Македонија натпреварот го започнала во грч и не одиграла најдобро и дека од натпревар во натпревар играта ќе се подобрува.

За силината на Ангола доволно зборува изјавата на селекторот Фернандо Мореира, кој истакна дека ова било прв пат неговата репрезентација да игра пред публика и дека тие воопшто не го слушале што тој им зборува!?

Во Б групата која исто така се игра во Охрид Аргентина го совлада Чиле со 36:21, а Египет беше поуспешен од Франција со 27:25. Во Ц групата во Скопје, Словенија го декласираше Тунис со 34:24, а убедлив триумф забележа и Хрватска над Бугарија 34:17. Во Д групата исто така во Скопје, во дербито Шпанија ја совлада Кореа со 37:32, додека Бразил ја совлада Словачка со 37:33.

Денеска (14 август) во Охрид на програмата се натпреварите:

15:00ч. Чиле – Египет
17:00ч. Ангола – Португалија  
19:00ч. Германија -Франција
21:00ч. Шведска – Кувајт

Г. Момироски
М. Постоловски