Иселувањето од Македонија прераснува во еден од мегатрендовите во нашето социјално и економско живеење и овој проблем треба под итно да влезе во центарот на вниманието на сите општествени и политички субјекти, смета универзитетскиот професор Ѓорѓи Тоноски, кој во текот на изминатите две години работи на Независно истражување за миграционите поцеси во земјава.


проф. Д-р Ѓорѓи Тоноски

Податоците од истражувањето покажуваат дека уште поголем аларм кај овој погубен процес е тоа што се иселуваат претежно млади луѓе кои не планираат да се вратат повторно во Македонија.

-Ние во Република Македонија за жал имаме една таканаречена „One way ticket“ емиграција или едноставно класично отселување. Подигнувањето на куферот значи и раскинување на можностите за постојано живеење во оваа земја, нешто што морам да кажам дека другите земји го немаат во ваков жесток вид. Ова е карактеристичен процес и за источна и за западна Македонија и за сите етникуми кои живеат тука, вели проф. д-р Тоноски.

Според него мигративниот процес се очекува да биде актуелен уште долго време поради влегувањето во игра на пасошите од соседните земји.

-Пасошите го олеснуваат тој процес на иселување односно ги олеснуваат процедурите преку кои може да се замине во странство. Сега тоа се бугарските пасоши меѓутоа јас мислам дека наскоро во таа насока ќе се појави и проблемот и со српските пасоши. Колку повеќе Србија ќе влегува во тој процес на интеграција кон Европската Унија, ќе се зголеми и интересот за српските пасоши, потенцира социологот Тоноски.

Тој објаснува дека причините заради кои македонците се одлучуваат за иселување во истражувањето се групирани во три групи.

Во првата група како причина биле опфатени социјалните, културните, економските и политичките проблеми со кои се соочува Република Македонија, односно прашањата и проблемите кои што се врзани со невработеност, со малите плати и со отсуството на механизми за градење сопствен бизнис. Втората група на причини го опфаќале проблемот на кариерата, со личната афирмација и личното остварување на секој поединец. Во оваа група спаѓале сите оние лица кои се определувале да заминат поаѓајќи од идејата дека во Македонија сеуште немаат можности за напредок. Третата група на причини произлегува од проблемот на процесите кои што се врзани со вклучувањето на Република Македонија и во Европатланските интеграци и успехот или неуспехот на тој план. Истражувањето покажало дека во овој дел кај младите се создава едно горко чувство дека ние како општество не сме успеле до крај да се сместиме во арената на успешните, на големите и оние кои што сакаат да остават печат.

Професорот Тоноски вели дека проблемот со миграцијата не може да се реши преку ноќ и дека е потребна посебна стратегија.

-Овој проблем бара многу сериозен пристап од сите организирани субјекти бидејќи со краткотрајни решенија тоа не може да се реши. Мислам дека тука треба да стане збор за едни длабоки системски решенија кои што сепак тој европски дух во однос на можностите за афирмација и обезбедување на сопственото „јас“ во рамите на државата, ќе биде приоритет на еден таков систем, посочува Тоноски.

Тој појаснува дека истражувања за мигративните процеси ќе продолжат да се спроведуваат и во иднина со цел да се добие јасна слика за сите состојби во делот на иселувањата од Македонија, со цел да се се преземат соодветни мерки за надминување на овој проблем.

Инаку нашиот медиум пред извесно време  објави тема за мигративните процеси во Охрид, (Расте бројот на охриѓани кои живеат на „црно“ во странство) во која беа опфатени и последните официјални статистички показатели за иселувањата.

OhridNews