Македонската фудбалска репрезентација е поразена во вториот натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство. Вечерва на арената „Филип II“ Израел славеше над Македонија со 2:1.

Македонија добро го започна натпреварот создаваше шанси но и промашуваше. Пандев се обиде еднаш од далечина, а потоа од само 4-5 метри беше непрецизен. Израелците погодија статива, а во 25 минута преку Хемед поведоа со 1:0 од сомнителна ситуација. Мојсов не успеа да ја искористи лошата проценка на гостинскиот голман Гореш по еден центаршут, а промашувањата на македонските репрезентативци Израел сурово ги казни по контрата во финишот на полувремето преку Бен Хаим за 0:2 по првите 45 минути.

Во вториот дел друга слика. По излегувањето на Шиков кој недоволно опоравен го започна мечот и на Петровиќ, на чие место заиграа Ибраими и Спироски Македонија целосно ја презеде иницијативата и постојано напаѓаше и создаваше шанси. Конечно во 63 минута Несторовски ја погоди мрежата на израелците за 1:2. Македонија продолжи да напаѓа до самиот крај кога во 94 минута беше досуден пенал по стартот врз Нестороски. Одговорноста ја презеде нововлезениот Јаховиќ, но поуспешен од него беше израелскиот голман Гореш.

По две одиграни кола во квалификациите во групата Г, Македонија е без бодови. Следниот противник на црвено-жолтите е четирикратниот светски шампион и поранешен европски првак Италија. Мечот се игра во недела на арената „Филип II“ во Скопје.

Г.М.