Вкупната трговска размена помеѓу Македонија и Украина во првиот кравртал од годината изнесува 17 милиони долари, а извозот е зголемен за 31 отсто во споредба со истиот период лани, беше истакнато на Македонско-украинскиот бизнис форум што денеска започна во Охрид.


Украина е еден од најголемите трговски партнери на Македонија, а економската соработка има потенцијал за продлабачување, заради комплементарноста на стопанските структури на двете земји, истакна заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Ставрески во обраќањето пред учесниците на дводневниот бизнис форум.


Заменик-министерот за економија на Украина, Валериј Пјатницкиј, во изјава за медиумите истакна дека експерти на двете држави активно работат на подобрување на правните основи во насока на елиминирање на административните пречки кои ги оптоваруваат економските односи меѓу Украина и Македонија.


Во рамки на Македонско-украинскиот бизнис форум ќе се одржи Пленарна седница на Мешовитата комисија за економска соработка и за спроведување на Договорот за слободна трговија со Украина, по што ќе биде потпишан Протокол за натамошна либерализација на трговијата.

Украина е еден од најголемите трговски партнери на Македонија, а вкупната размена помеѓу двете земји минатата година достигна 206 милиони долари.

Ohridnews