Македонија и Црна Гора ќе бидат првите земји од регионот кои ќе користат заедничка амбасада, соопшти денес шефот на дипломатијата Никола Попоски, по средбата со неговиот црногорски колега Игор Лукшиќ во Скопје. Станува збор за амбасадата во Франција. Двете страни потпишаа Протокол за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва на двете земји, што претставува прв ваков позитивен пример на соработка во регионот.
„Правиме обиди за тоа да имаме што е можно повеќе вакви решенија што се економски исплатливи од една страна и праќаат политички сигнал дека постои соработка каква што би очекувала од земји со европска ориентација. Париз е првото решение и е веројатно едно пионерско решение за нашиот регион, во скандинавски стил, две земји да споделуваат ист простор каде што ќе имаат две амбасади“, изјави Попоски.
Според Лукшиќ пак, ваквиот чекор говори за европскиот капацитет на двете земји.
„Регионалната соработка и колокацијата говори и за подготвеноста на нашите земји да покажат европски капацитет. Се надевам дека оваа година ќе биде една година во која ќе има значаен напредок во однос на евро и евроатланските интеграции“, потенцираше црногорскиот министер.
OhridNews
извор Макфакс