„Коректно е да се каже дека се блиску до решение.  Но, во преговори за нешто чувствително, блиску не е доволно.  Треба да го истрчаат последниот круг, без разлика колку е долг, и да ја завршат работата“, коментираше американски владин претставник за спорот околу името меѓу Македонија и Грција на специјален брифинг за време на посетата на државната секретарка Хилари Клинтон на Атина, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

Владиниот претставник навел дека, реално, се работи за чувствително прашање за обете земји, што делумно е и причината што не нашле решение последниве 20-тина години.

„Ќе имаат корист од решение.  НАТО најави дека Македонија ќе стане членка кога ќе биде решен проблемот со името.  Таа ги исполни другите критериуми.  Сметаме дека тоа ќе биде важен нов елемент на стабилноста во регионот и даваме енергична поддршка“, ја пренесува VOA изјавата на претставникот на Стејт департментот.

Владиното лице ги оценило разговорите што се одвиваат под посредство на ОН како сериозни и кажало дека САД го поддржуваат тој процес.

Државната секретарката Хилари Клинтон и нејзиниот грчки колега Ставрос Ламбринидис на прес-конференцијата неделата во Атина директно не го споменаа прашањето за името.  Сепак, Ламбринидис кажа дека на Клинтон и рекол дека Грција се залага на Балканот да не се пишува одново историја, туку да се прави историја преку градење врски во заедничкиот европски дом.  Клинтон, пак, рече САД ја ценат заложбата на грчкиот премиер Јоргос Папандреу и владата за решавање на многу долгогодишни прашања во регионот и за негова интеграција во европските и трансатлантски институции, пренесува VOA.

извор: VOA