Македонија целосно ги укинува визите за Албанија. Ова синоќа во Тирана го соопшти лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а информацијата ја потврди портпаролот на македонската влада Ивица Боцевски.
Одлуката за целосно укинување на визите помеѓу Македонија и Албанија ќе ја потпишат премиерите на Македонија и Албанија, Никола Груевски и Сали Бериша во Тирана, во текот на февруари. Според истата во иднина сите македонски граѓани ќе бидат ослободени од вадење виза, наместо досегашната дискриминирачка практика која од плаќање на влезната такса од 10 евра ги ослободуваше само државјаните на Македонија со албанско потекло.
За возврат Македонија ќе ги укине визите за Албанија и ќе ја повлече одлуката според која од денеска државјаните на нашиот западен сосед наместо на граница визите требаше да ги вадат исклучиво во македонската амбасада во Тирана. Македонските и албанските државјани ќе можат бесплатно да патуваат откако ќе биде потпишана билатералната спогодба за укинување на визниот режим. Дотогаш на сила останува постојниот визен режим, односно визи ќе се вадат на граница.
Албанија пред два дена се закани дека ќе воведе реципроцитетни мерки доколку Македонија воведе нов визен режим, а против таквата идеја беа и локалните самоуправи и бизнис заедницата во пограничниот регион.
Градоначалниците на Охрид и Струга, Александар Петрески и Рамиз Мерко, неодамна изразија стравување дека таквата одлука мошне негативно ќе влијае на туризмот во Охрид и Струга бидејќи во последно време најчести гости на ривиерата се тие од Албанија кои се и добри потрошувачи.
Двете општини се задоволни од одлуката за целосно укинување на визниот режим помеѓу Македонија и Албанија, и сега очекуваат државата да го поддржи барањето на општина Струга за отворање на нов граничен премин со Албанија кај селото Радожда, со што би се олеснил протокот на луѓе и стока.
Г. Момироски