На прес конференцијата што се одржа синоќа, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, посочи дека наскоро ќе бидат воспоставени дипломските односи и оти договорот за тоа ќе биде потпишан од страна на Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово.
Во истовреме независноста на Косово ја призна и Владата на Црна Гора.
Во заедничката изјава на двете влади се истакнува дека одлуката за признавање на Косово од страна на Македонија, како земја со кандидатски статус за членство во ЕУ, и Црна Гора, како земја-потенцијален кандидат за членство во ЕУ, е резултат на исцрпна политичка проценка и се заснива на заклучоците усвоени од страна на Советот за општи работи и за надворешни работи на ЕУ од 12 февруари 2007 и 18 февруари 2008, како и на Европскиот совет од 14 декември 2007.
Македонија и Црна Гора, се вели во изјавата, конзистентно го поддржуваа процесот на преговорите меѓу Белград и Приштина, а планот на специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН за решавање на статусот на Косово го сметаа за добра основа за изнаоѓање решение, кое ќе придонесе за трајна стабилност и за нови европски и евроатлантски перспективи на регионот.