Македонија ги следи препораките на Светската царинска организација за справувањето со глобалната економска криза. Меѓу активностите кои се насочени кон оваа цел може да се набројат: поттикнување и олеснување на трговската размена, меѓуцаринската соработка, соработката со бизнис заедницата, зајакнато управување со граничните премини и модернизација на царинските системи.-изјави министерот за финансии Зоран Ставрески, на свеченото отворање на Конференцијата на Светската Цринска организација, што се одржува во Охрид


– Работата на Царинската управа на Македонија во континуитет е поддржана од Владата. Реформите кои беа направени во изминатите три години овозможија да се зголеми пропусната моќ на царинските премини, да се поедностават царинските постапки за компаниите и да се намалат нивните трошоци. Направени се значителни инвестиции за зајакнување на технолошките капацитети на Царината, преку набавка на модерна опрема меѓу кои и мобилни скенери, донесен е пакет од 50 мерки како дел од проектот „Регулаторна гилотина“ со кој се упростува и забрзува царинската постапка. -рече Ставрески.


Тој истакна дека сите активности се превземаат со цел да се  подобри бизнис климата во Македонија  и да се ублажат последиците од глобалната економска криза,  врз македонската економија. Беа најавени и  нови реформи во царината како што се системот  за електронска обработка на царинските декларации по електронски пат, кој започнува да се спроведува од наредниот месец.


На конференцијата во Охрид се дискутираше за актуелни теми поврзани со развојот на Царината во 21 век, и активностите на СЦО во насока на справувањето со предизвиците пред царинските служби од Европскиот регион. Учесници на конференцијата, се високи делегации на 46 царински управи од Европа и Азија,  претставници на Европската Комисија, СЦО, РИЛО (регионални разузнавачки канцеларии за врски).


 
Светската царинска организација, основана во 1952 година како Совет за царинска соработка, е независно меѓувладино тело чија мисија е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на царинските управи.

OhridNews