Денеска се навршуваат  107 години од Илинденското востание и 66 години од Првото заседание на АСНОМ што се одржа во манастирот Прохор Пчињски, на кое беа поставени темелите на современата македонска држава.

По повод  Денот на Републиката –2 август  Илинден, градоначалникот
Александар Петрески, до граѓаните на Охрид упати  празнична честитка:

„Изминаа
107 години од Илинденската епопеја и 66 години од првото заседание на
АСНОМ, датуми кои се длабоко вкоренати во колективната меморија на
нашиот народ и кои претставуваат историски темелник на македонската
самобитност, непокор и слобода. Денес Македонија и нејзините граѓани
токму врз херојството на нејзините предци, чекори слободно и
рамноправно со другите народи и држави во светската заедница.
Посакувајќи слободата, развојот и личната среќа на секој граѓанин да
биде обележје  на Македонија и во наредните години, во име на општината
Охрид и во мое лично име Ви го честитам Националниот празник Илинден“.

Двата историски Илиндена ќе бидат одбележани со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во меморијалниот комплекс во кумановското село Пелинце.

Во Крушево денеска ќе стигнат  охридските комити кои и оваа година го изведоа традиционалниот Илинденски марш од Охрид.

OhridNews