Илинден – симболот на вечната борба за слобода на македонскиот народ, денеска со бројни манифестации се одбележува во славното Крушево, на Пелинце, а за прв пат по подолго време најавено е дека државна делегација ќе го посети манастирот Прохор Пчињски во Србија.
Празникот со низа свечености се одбележува во Охрид. Делегација на локалната самоуправа, институции и здруженија на граѓани им оддадоа почит на илинденците и борците во НОВ. По повод двата Илиндени во Велгошти синоќа се одржа свеченост на која говореше градоначалникот на Охрид, кој упати празнична честитка до граѓаните:
„Изминаа 106 години од Илинденската епопеја и 65 години од првото заседание на АСНОМ, датуми кои се длабоко вкоренати во колективната меморија на нашиот народ и кои претставуваат историски темелник на македонската самобитност, непокор и слобода. Денес Македонија и нејзините граѓани токму врз херојството на нејзините предци, чекори слободно и рамноправно со другите народи и држави во светската заедница. Посакувајќи слободата, развојот и личната среќа на секој граѓанин да биде обележје на Македонија и во наредните години, во име на општината Охрид и во мое лично име Ви го честитам Националниот празник Илинден“.
По повод големиот национален празник, денеска на патеката од Горица до Охрид ќе се одржи 30-от мал пливачки маратон, познат уште како Илинденски куп, а во тек е и традиционалната Илинденска едриличарска регата. Илинден во Охрид ќе биде одбележан и со бројни културн-забавни манифестации.