Денеска на пладне, во седиштето на ФИБА Европа во Фрајзинг, Германија,  македонската кошаркарска селекција ќе ги дознае противниците во квалификациите за 37. Европско првенство во Литванија, во 2011 година.

Пред денешната ждрепка на ФИБА Европа, Македонија е во првиот шешир со Полска и Летонија, а во другите четири се наоѓаат – втор: Израел, В. Британија, Бугарија: трет: Белгија, Финска, БиХ; четврти: Италија, Португалија, Унгарија; петти: Украина, Црна Гора и Грузија.

Натпреварите во квалификациските групи ќе се одржат во периодот од 2-29 август годинава, а дополнителните квалификации за едното празно место од 3-28 август 2011 година.

Според утврдената шема вкупно 15 репрезентации ќе бидат поделени во три групи од по пет селекции. Трите првопласирани репрезентации и двете најдобро второпласирани ќе обезбедат директно учество на ЕП 2011 година.

Место на ЕП 2011 имаат обезбедено : Србија, Франција, Шпанија, Грција, Хрватска, Германија, Русија, Словенија, Турција и Литванија.

Ohridnews