Македонија со цените за туристичките услуги кои ги нуди е неконкурентна на туристичкиот пазар, сметаат научните работници. Спорд нив туристичките работници сериозно треба да размислат за корекција на цените, особено што поради економската криза познатите летни дестинации нудат поевтини и поатрактивни услуги.

Како човек кој теоретски го истражува туризмот, сметам дека цените се дефинитивно превисоки, а со тоа и неконкурентни доколку се има предвид производот што Македонија го нуди во целина како туристичка дестинација, вели Јован Стојаноски, продекан на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

Тој смета дека независно што цените се во доменот на индивидуална деловна политика на туристичката компанија,  сепак оние фактори што се занимаваат со туризмот и го регулираат како стопанска дејност, мора да најдат начини индиректно да влијаат за намалување на цените.

Туризмот како и секоја друга дејност работи според принципите на пазарната економија, што значи дека сите чинители во туризмот треба да сфатат дека со цените со кои настапуваат на пазарот не се конкурентни. Меѓутоа цело време тие се оправдуваат дека има одредени објективни фактори што влијаат врз тоа гостите да не доаѓаат во Македонија. Сметам дека такви фактори постојат, но првенствено се субјективни, а тоа едноставно кажано е дека оние кои што го работат туризмот во Македонија дека и не знаат да ја водат деловната политика, а за тоа се лично засегнати, додава Стојаноски.

Поради светската економска криза соседна Грција веќе ги намали цените за 30 %, што според тамошните експерти ќе ги ублажи последиците од економската криза. Кај нас реалниот сектор сеуште не размислува за намалување на цените, доколку државата не го намали ДДВ за ноќевањата и цените на угостителските услови.

За влијанието на светската економска криза врз туризмот во Охрид расправаат стотина реномирани експерти, професори од областа на туризмот од 16 држави од Европа и САД, кои учествуваат на  10-та јубилејна научна конференција  што на секои две години ја организирана Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.