Македонија е меѓу најголемите жртви на глобалното затоплување. Земјата е на високото петто место на држави кои ќе ги почувствуваат климатските промени. Вакви се анализите на светските организации – потврдуваат дека земјава се наоѓа токму под таков појас иако не е во групата на земји големи загадувачи. Ваквите сценарија ги потврдуваат и од ресорното министерство.

Македонија штетите од климатските промени ќе ги почувствува во значителна мерка. Тоа е поради местоположбата на земјава а од друга страна ние како држава немаме финасиски средства за да превземеме мерки за да се заштитиме од глобалното затоплување, но сепак тоа се решава на глобално ниво, вели Неџати Јакупи министер за животна средина и просторно планирање

Најзастрашувачки е што се очекува во земјава брзо да се сушат водните ресурси, Македонија ќе почне да ги губи шумите и животинскиот свет. На глобално ниво, температурата ќе се искачи за три степени.

Прогнозите се дека за 15 или најмногу за 30 години сите промени веќе ќе се случат. Тоа сепак ќе зависи од мерките кои ќе ги превземаат големите држави. Токму на ова тема во Копенхаген веќе три недели 110 светски лидери не можат да се договорат околу заедничката акција за спас на светот. Последните неколку дена дамка на собирот оставаат протестите на одделени држави кои негодуваат што документот не опфаќа ставка за субвенции, помош на земјите во развој да ги намалат емисиите на јаглерод-диоксид и да се прилагодат на последиците на климатските промени.

Климатските промени веќе не се апстрактни. Поради нив илјадници луѓе се надвор од своите домови, најмногу поради социјалниот аспект на промените поради сушите и војната вели Дан Грас организатор на протестот за климатските промени

Преговорите во Копенхаген денеска се одложени поради протест на 53 африканските држави кои учествуваат на меѓународната конфереција.