Грчка навивачка група предизвика серија инциденти за време на квалификацискиот натпревар за шампионската лига во женска конкуренција меѓу екипите на ФК „Паок“ од Грција и ФК„Наше Такси“ од Македонија, одржан во саботата во Струмица.
Според информациите од МВР, гостинската навивачка група, пред стартот на натпреварот на струмичкиот стадион „Младост“ истакнале транспарент на англиски јазик со натпис „Македонија е Грција“, по што по реакција на делегатот од УЕФА транспарентот бил сокриен, а 3 минути пред крај на натпреварот повторно бил истакнат, што создало револт кај домашната навивачка група.
Откако делегатот на УЕФА почнал со видеокамера да го снима транспарентот и реакциите на домашната навивачка група, истите повторно го сокриле транспарентот, а навивачката група на ФК „Наше Такси“ се повлекле од трибините се додека не престанат провокациите и немирите од навивачката група на ФК „Паок“.
По одржаниот состанок, делегатот на УЕФА донел одлука лицата од навивачката група на ФК „Паок“ да бидат отстранети од трибините и да бидат качени во автобуси, по што дошло до туркање на поединци со вработени во агенцијата за обезбедување „НИКОБ“, при што интервенирала струмичката полиција спречувајќи понатамошно нарушување на јавниот ред и мир.
Автобусите со навивачката група на „Паок“ во 20.40 часот преку ГП-Богородица ја напуштиле територијата на Македонија. По извршениот увид констатирано е дека гостинските навивачи искршиле 40 пластични столчиња на трибините на струмичкиот стадион
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com