Интернационалната Такевондо Федерација (ИТФ) го организира 19. Светско Првенство во Таеквондо што ќе се одржи во Пловдив, Бугарија од 24 до 30 август оваа година.
Ова првенство најпрво беше планирано да се одржи во Пјонгјанг, Северна Кореа, но поради политичката ситуација во оваа држава истото беше преместено за во Бугарија.
На ова Светско Првенство учество ќе земе и македонската ИТФ Таеквондо репрезентација под водство на Марјанчо Лазаревски, потпретседател на федерацијата на Македонија и тренер на националниот тим, црн појас IV дан и Ацо Јосифоски, национален тренер, црн појас IV дан.
Натпреварувачите кои ќе ја претставуваат Македонија на првенството во Пловдив се:
Зоран Донев, црн појас I дан- ќе се натпреварува во спаринг до 71 кг. и во форми;
Борче Јовановски, црн појас I дан- ќе се натпреварува во спаринг до 77 кг. и во тест на сила;
Климент Грозданоски, црн појас I дан- ќе се натпреварува во спаринг до 85 кг.
Најзаслужни за учеството на ова големо натпреварување на нашата репрезентација се генералните покровители на Таеквондо клубот „HWA RANG ITF“ од Лескоец- ПН Метал и НОМА Метал.
Потпретседателот на федерацијата Лазаревски изразува огромна благодарност до ПН Метал и НОМА Метал кои ги покрија комплетно сите трошоци за репрезентацијата да може да земе учество на најголемото Таеквондо натпреварување.
„Во месец мај започнавме со селекција на натпреварувачите, а кон крајот на месецот се знаеше кој ќе бидат нашите претставници на ова првенство. Целото лето се подготвувавме во рамките на нашите можности за ова Светско Првенство. Физичката подготвеност не нѐ загрижува бидејќи натпреварувачите се во топ форма. Она што можеби е пречка е нивното искуство бидејќи освен Зоран Донев на кого ова ќе му биде второ Светско Првенство, останатите натпреварувачи за прв пат ќе бидат на едно вака големо натпреварување каде искуството е на страната на другите репрезентации. Момците се подготвени да дадат се од себе за да се постигне максимален резултат. Се надевам дека добро ќе ги одбраниме боите на Македонија и гордо исправени ќе се вратиме од ова Светско Првенство.“- коментираше Марјанчо Лазаревски, потпретседател на ИТФ Македонија и тренер на натпреварувачите за „Терен.мк“.
Претстојното 19. по ред Светско Првенство ќе биде најмасовното во историјата на овој спорт бидејќи на истото учество ќе земат 87 земји и над 850 натпреварувачи- сениори. Финалните борби ќе се одржуваат во Античкиот театар во Пловдив.
Ohridnews