Македонската ракометна репрезентација следната година во Полска ќе биде дел од завршницата на Европското првенство.

Четвтото учество на континенталното натпреварување Македонија го обезбеди со победа 32-28 (15-12) во одлучувачкиот квалификациски меч со Чешка во Скопје.


Чесите на стартот од мечот максимално го искористија грчот во играта на македонските репрезентативци и го контролираа резултатот.

Се до 20-та минута гостите континуирано го имаа водстовото во своите раце, а тогаш во игра за прв пат влезе капитенот на Македонија, Кирил Лазаров, кој веднаш ги разигра соиграчите.

Домашните ракометари со мини серија го израмнија резултатот 10-10, а со 4-1  пред крајот на полувремето „црвено жолтите“ стигнаа до плус три (15-12).


Македонската репрезентација одлично го започна вториот дел и во неколку наврати обезбеди предност од четири погодоци.

Но, осцилациите во продолжението им дозволија на чесите да се вратат во игра и да се понадеваат на позитивен резултат, кој ќе ги одведеше во Полска.

Тогаш, на сцена стапи публиката во „Борис Трајковски“, која со поддршка за македонските херои им даде ветар во грбот за конечна победа (32-28) и пласман на Европското првенство.

Осум ракометари се запишаа во листата на стрелци, а најпрецизен со 12 голови беше капитенот Лазаров. Седум реализираше Дејан Манасков, а во вистинско време Борко Ристовски ги запиша 14-та и 15-та интервенција.

Мх.П./Г.М.