Разногласие во политичките кругови во земјва во првите денови по самитот во Букурешт на кој Макдонија наместо покана за НАТО доби вето од Грција. И додека поголемиот број политички партии, како и експертите и меѓународната заедница сугерират постигнување консензус за решавање на грчко-македонскиот спор со името кој се испречува на патот кон евроатлантските интеграции, опозициската ДУИ покрена постапка во парламентот за предвремени избори.
Сите освен владејачката ВМРО ДПМНЕ која гради став, се изјаснија против ваквиот предлог, со образложение дека тоа ќе значи губење време кое Македонија го нема. Во обид да се постигне политички консензус по приоритетните прашања, претседателот Бранко Црвенковски за утре свика средба со лидерите на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ДУИ.„Мотив за свикување на средбата е да се направи обид да се изгради заеднички став и пристап за излез од состојбата во која се најде Република Македонија, по самитот на НАТО во Букурешт“,соопшти неговиот кабинет.
Еден ден по најавената лидерска средба Македонија ќе ја посетат американскиот амбасадорот во НАТО, Викторија Нуланд, и Стефан Лене, специјалниот пратеник на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Хавиер Солана. А токму Солана вчера отворено изјави дека прашањето за името на Македонија треба да се реши во Обединетите нации. Тој изрази надеж дека речение за спорот помеѓу Скопје и Атина би можело да најде пред крајот на оваа година.
Во меѓувреме расте американската поддршка за Македонија. САД по неуспехот на самитот во Букурешт деновиве на неколку пати јасно и недвосмислено повторија дека местото на Македонија е во НАТО. Тие отворено застанаа и во одбрана на македонскиот идентитет и во Р. Грција. Македонската нација и македонскиот јазик не се вештачки ниту таканаречени, изјавил помошникот на американскиот државен секретар, Даниел Фрид, на дебата со грчки новинари во Вашингтон. Наклонетоста на светската сила број еден, САД, кон Македонија сега треба мудро да се искористи, сметаат аналитичарите според кои земјава не смее да загуби драгоцено време на нови избори кои ќе ја дефокусираат како домашната така и светската јавност од решавање на суштинското прашање за земјата, спорот со Грција.
ohridnews